Блог

КНИЖЕВНА ВЕЧЕР СО АНДРЕАС НОРМАН И ИГОР СТАНОЈОСКИ

Во организација на Амбасадата на Шведска во Македонија, a во склоп на Скопскиот саем на книгата, ќе се одржи неформална книжевна вечер со писателите Андреас Норман (Шведска) и Игор Станојоски (Македонија). Книжевната вечер ќе се одржи во кафе „Менада“ во Чаршија в среда на 6 мај со почеток од 20 часот. Андреас Норман е еден од најчитаните автори од Шведска, којашто почнувајќи од појавата на трилогијата Милениум од Стиг Ларсон, стана позната по крими-фикцијата. Игор Станојоски со објавувањето на романот Гаргара го воведе политичкиот трилер како нов жанр на македонската книжевна сцена. Овој жанр е тоа што ги поврзува овие двајца автори.


Блог

ЕВЕ ПИСАТЕЛ, ЕВЕ РОМАН! Игор Станојоски: „Гаргара“, „Панили“, Скопје 2014 Рецензија од Оливера Ќорвезироска, објавена во „Слободен печат“ на 4 април 2015 година.

Нема ништо повозбудливо за една книжевна сцена кога на неа ќе истапи непознато име, совршено ќе ја „одигра“ својата прва точка и уредно ќе се повлече, оставајќи нè сите, и сцената и партерот и ложата и завесата, речиси вомјазени и усрамени што не сме ги понеле дланките за аплауз... Сме ги оставиле ли „дома“ залулкани во предрасудите дека „првите мачиња се фрлаат во вода“ или сме се одвикнале да ги користиме спонтано!? Покрај Дејан Трајкоски и Петар Андоновски, кои со своите први романи („Вистина, љубов - Рашомонијада“ од 2012 и „Очи со боја на чевли“ од 2013) буквално влетаа во нашата современа литература и Верче Карафилоска која со своите (само) два расказа „Мукавени ѕвезди“ и „Коса од розова волница“ сосем изненадувачки победи на двата најреномирани конкурса за расказ во Македонија , „Нова Македонија“ (во 2013) и „Живко Чинго“ (во 2014),.. еве уште едно име за помнење – ИГОР СТАНОЈОСКИ, автор кој минатата година ја обележа како свој величествен книжевен старт, направо влегувајќи во националната литература како значаен романсиер со својот прв роман „Гаргара“. Радува фактот што во најновата македонска проза последниов период се појавуваат нови „готови“ раскажувачи со наслови – „први мачиња кои не се фрлаат во вода“ туку веднаш се фаќаат во костец со Големите и Искусните (Мачки и Мачори). Самокритика за ненавременост Ваков роман како првообјавата „Гаргара“ на Игор Станојоски се дочекува на нозе, за него се пишува и се коментира веднаш по излегувањето, а не месеци и месеци подоцна, откако веќе самиот доспеал напред во редицата – во најтесен избор за значајни награди. Ова претставување не се надоврзува на најтесниот избор за Роман на годината на „Утрински весник“, туку се самокритикува за ненавременост. Впрочем, „Гаргара“ излегла од печат минатото лето, а нам ни требаше цела една есен и цела една зима да втасаме до него како текст/книга и како веб-страница (www.gargara.mk), можеби прва од ваков вид кај нас – целосно посветена на романот со рафинирана умешност и страст, со творечка обмисла за поддршка на раскажувачкиот концепт, за ориентирање на читателите низ реалната географија на ликовите, низ нивната музика или, накратко, веб-страница за електронски, реален живот на отпечатените ликови-фикции; прецизен патоказ и необичен, дополнителен „сказ“ за читателите. www.gargara.mk совршено ѝ прилега на „Гаргара“ и е таман толку добра веб-страница колку што е добар и самиот роман. Одлична целина, одлична новина, можеби и антиципација на некоја идна практика. На залезот на постмодернизмот Игор Станојоски, до скоро непознато име во книжевните кругови, со својот солиден багаж на едуциран лингвист и надарен раскажувач, нема буквално ништо со Почетништвото како одредена и препознатлива креативна состојба. Неговата суверена приказна раскажана со исто таков јазик и стил е повеќе од готов производ во современата македонска книжевност. Јазикот му „спие“ во стилот, стилот му „спие“ во структурата, структурата му „спие“ во одлично изведениот роман. Овој занаетчиски одлично сработен (и спакуван) роман го враќа постмодернистичкото писмо во нашата книжевност на голема и нова врата, потврдувајќи дека книжевните појави и раскажувачки постапки не се минливи трендови туку трајни и повторливи вредности. Ако пишувате како Игор Станојоски – сосем е неважно дали вашата книжевна „Гаргара“ ќе ја „направите“ во мугрите, во високото пладне или на залезот на постмодернизмот. Романот „Гаргара“ е напишан со раскажувачката техника „кутија во кутија“, каде што нештата влегуваат од една во друга целина, никогаш не заборавајќи го Големиот Пакет. Четирите дела („Забелешка на преведувачот“, „Гаргара“, „Епилог“ и „2012, Мирисот на градот“), заедно со писмата, интегрално или парцијално предадени во текстот, „прозивките“ и повикувањата на Кундера и уште многуте наративни други микротрикови,.. функционираат во одлично избалансиран однос на форма и содржина на нештата, на рамка и враменото во неа. Романот почнува со речиси класична постмодернистичка дистанцираност од неговото авторство. Првиот јас-раскажувач го добива готов романот што следи (на англиски јазик), подготвувајќи нè дека Тој само ќе го преведе. Вториот јас-раскажувач е авторот на романот напишан на англиски јазик. Тој е Украинец (Орест) со специфична врска со Македонија кој го пронаоѓа „преведувачот“ повеќе по инстинкт и по една случајна средба на неслучајни подударности (како што и ѝ прилега на добрата литература). Рамката на романот, истурената, видлива „кутија“ во која еднаводруга влегуваат уште многу други, претставува совршено надоврзување на првите врз последните страници од романот. Имено, „Гаргара “ завршува со „Сега станувам (...) а потоа ќе го разбудам Игор. Само ќе му ја предадам Гаргара и ќе му кажам што да прави со неа“, а почнува токму со тоа будење на Игор и предавањето на ракописот... Совршен круг во кој крајот и почетокот на романот се врзуваат во цврст јазол. Сето друго е „панделка“! Ваквите монтажни трикови не се непознатица при структурирањето на уметничките дела (романи и филмови особено), но секогаш кога одлично ќе се „спроведат“, остваруваат огромна рецептивна моќ. Приказната опфаќа неколку наративни нивоа: Кристина и Орест, Марика и Сарафил, кафулето „Гаргара“ од 1962 и кафулето „Гаргара“ од 2004 сосе нивните книги/тетратки за пофалби и поплаки (засебни романчиња во романот)... Нереализираната љубов помеѓу Марика и Сарафил кои потекнуваат и делат заедничко детство во едно село во Егејска Македонија, во голем дел од романот е двигател на љубовната реализација помеѓу Кристина и Орест. Ова интересно љубовно „пресликување“ добива специфичен фабуларен коефициент на некаква заумна обратнопропорционалност - па колку едниот однос станува понадежен, толку другиот станува побезнадежен... Оттука, следејќи го токму овој фабуларен коефициент, сосем разбирлива станува „идилата“ на остарените Марика и Сарафил (нивните пет години совршен заеднички живот) наспроти беспричинскиот крај на врската помеѓу Кристина и Орест... Но, ова е само еден минорен аспект во сложеното ткиво на романот. Празнична употреба на јазикот Раскажувачката терезија во „Гаргара“ сето време суптилно се ниша, додавајќи и одземајќи од тасовите епизодни ликови, минливи ситуации, наративни украси и вистински прозни релјефи за соживотот на лекторите од Универзитетот во Лемберг (Лавов) сосе баналната екстраваганција на негирачкиот однос кон македонскиот јазик на бугарската лекторка Гергана (казнета и со самото именување), за општествената (не)ангажираност во бурните времиња за Украина (и за Македонија!),.. сето тоа со еден впечатлив и прецизен македонски јазик во кој речениците понираат подлабоко од видливиот тек на разговорното, делничното... доловувајќи нијанси на свечена, празнична употреба на јазикот како раскажувачко средство. Вистинска милина е да читате роман испишан со јазик во кој на раскажувачот му е апсолутно удобно! И на приказната, бездруго. Јазик чијшто творечки број му е совршено точен на писателот! Спомнатите микротрикови на наративно ниво си имаат и своја јазична варијанта. Најдобар показател за јазичен микротрик е токму зборот „гаргара“ употребен како наслов на романот, како име на кафулето - раскошен и вариран хронотоп на романот, како обично прочистување на грлото кај пивнатиот преведувач (Игор), како креативен контекстуален синоним за „чисто, прочистено, вредно, отстојано наспроти еуфорично“: изгаргарена литература, литература за гаргара на душата... итн., итн... Зборот „гаргара“ е јасен јазичен отпечаток, стапалка од чизмата на талентот и знаењето на Станојоски со предумисла втисната во најмекиот дел на приказната. „Гаргара“ можеби нема да ја сакаат сите, можеби нема да се чита по парковите и клупите, но, несомнено се случил нов, готов РОМАН, се случил нов, готов ПИСАТЕЛ во домашната книжевност. Посетете ја веб-страницата, послушајте ги седумте „музики“ од Галерија/Песни, прошетајте ги петте локации од Галерија/Места, прочитајте го макар само одличниот „Епилог “ од страница и пол (поетскиот концентрат на целиот роман собран на 163. и половина 164. страница) ,.. ама сторете го тоа навремено, за да не ви биде жал дека доцните. Како нам. За среќа (и утеха), неодамна во едно интервју со Игор Станојоски дознавме дека имал готов нов роман - „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“. Него, сигурно, ќе го сочекаме веднаш зад аголот!


Блог

ПИСАТЕЛОТ ТРЕБА ДА ЛАЖЕ ИСКРЕНО РАЗГОВОР СО АВТОРОТ НА РОМАНОТ „ГАРГАРА“

РАЗГОВОР СО АВТОРОТ НА РОМАНОТ „ГАРГАРА“
Објавено на порталот Божилак на 15 март 2015 година.
Игор Станојоски е млад автор кој чекори кон книжевните врвови. Неговиот роман „Гаргара“ предизвика големо внимание, како кај читателската публика, така и кај критичарите. Големиот интерес за статијата за Гаргара и исчекувањето да биде прогласен романот на годината на Утрински весник каде што „Гаргара“ влезе во финалниот круг, се причини да дознаеме нешто повеќе за авторот и за романот „Гаргара“, искрено од него за читателите на bozilak.mk.

1. Првин Ве молам да ни откриете дел од Вашата биографија?
Мислам дека најсоодветно би било да ви откријам дел од периодот што е директно поврзан со зачетоците на „Гаргара“. Романот го пишував од октомври 2011 до јули 2012 година и го завршив со последните натпревари на Европското првенство во фудбал, токму онака како што е тоа опишано во самиот роман. Времето на пишување беше многу покусо од фазата на инкубација, која започна во 2008 година од првата идеја за романот. Се сеќавам дека првата идеја беше поврзана со книгата за пофалби и поплаки. Периодот 2008-2009 беше најинтензивниот период во мојот живот. Пропатував десетици илјади километри. Секоја недела минував по 20-ина часа во воз, главно меѓу Полска и Украина. Требаше да се биде луд за да се живее така. Бев.
Сите места што се опишани во „Гаргара“ ми се добро познати и сите емоции кон тие места се мои лични и искрени. На некое од тие места се роди идејата за „Гаргара“. Во периодот од 2008 до 2011 година идеите се таложеа.
2. „Гаргара“ е симболичен наслов. Самиот процес на гаргара претставува прочистување. Од друга страна, пак, тоа е поврзано со мистеријата на кафулето за кое раскажувате. Која е вистината за насловот на овој роман?
Секој писател се стреми кон оригинален наслов на својот роман, а секој сопственик на кафуле се стреми кон оригинален назив на своето кафуле. Јас и Орест сметавме дека таков е „Гаргара“. Тоа е првото ниво. Второто ниво се состои во симболиката на гаргарата како метод на прочистување: усната шуплина се плакне со вода, може да се исплакне и со алкохол во „Гаргара“. Алкохолот истовремено помага да се заборават неправдите од секојдневието, па ги плакне и устата и душата. Сарафил и Марика, пак, пишуваат во книгата за пофалби и поплаки затоа што, како што вели Генадиј: пишувањето е гаргара на душата. Орест дополнува: и читањето, исто така. Третото ниво на мотивот на гаргарата е во неговото постојано провлекување низ романот: ликот Игор Станојоски прави гаргара во хостелот во Прага, Орест прави по повраќањето кај Панчишин итн., употребен е и изразот „чиста изгаргарана форма“.
3. Дали „Гаргара“ е пишувана врз основа на биографски елементи? Постојано такво чувство се проткајува додека се чита романот, а и не изостанува фактот дека долг период од животот сте живееле во Украина. Или, пак, е само бујна писателска имагинација?
Неизмерно ми е мило што сте имале такво чувство додека сте ја читале „Гаргара“. Тоа е најголемиот комплимент што постојано го добивам од сите читатели. Постојано ме прашуваат дали е вистина сето тоа што сум го напишал. Дали ми се случило тоа мене. Судејќи според содржината, знаат дека тоа е малку веројатно или неверојатно, но судејќи според јазикот и стилот, сè им се чини дека тоа е напишано толку од душа, што не може да биде „лага“. Суштината е во потполното соживување со приказната на романот. Авторот мора да се соживее. Тогаш ќе ја постигне искреноста и природноста на изразот. Романсиерот треба да „лаже“ искрено. Еден од главните недостатоци на дел од современите македонски романи е што не го постигнуваат тоа. Не се искрени. Читателот е алергичен на извештаченоста на јазикот, стилот и сижето на таквите романи.
Сега ќе се обидам да ви дадам поконкретен одговор на прашањето, без заобиколување: имам некое морничаво чувство дека моите романи навистина се автобиографски, но не дека го опишуваат моето минато, туку дека ми ја претскажуваат иднината.
4. Ова е прв Ваш роман. Имате објавено и стручни трудови во областа на лингвистиката. Како успевате да направите синтеза во овие два различни видови пишување?
Тоа се два различни „спортови“. Лингвистичката поткованост во однос на романескната книжевност ја доживувам како спринтот во атлетиката во однос на фудбалот. Лингвистот што одлучил да пишува романи е како спринтер што решил да игра фудбал. Герет Бејл.
5. Која е Вашата инспирација за творење и кога да очекуваме нов роман?
Новиот роман е готов и се вика „Првиот универзитетски ден на мојата ќерка“. Првин англиската верзија на романот ќе учествува на британската NovellaAward, а македонската верзија ќе се појави на нашиот пазар веројатно во првите месеци од 2016. Пократок е од „Гаргара“, би можел да биде окарактеризиран како семејно-љубовна новела, но мислам дека не се споредува со ништо што е досега напишано во светската книжевност. Барем композициски.
Не можам прецизно да ја определам мојата инспирација за творење. Најчесто си доаѓа наутро и ноќе. Патувањата помагаат – тоа е проверено. Но, не сите патувања, туку само оние што се проследени со потполно лично воплотување во културата на другиот народ.
6. Влеговте во финалето на „Роман на годината“ на Утрински весник. Какво е чувството во овие моменти кога сте во очекување на конечните резултати?
Тоа е избор на РОМАН на годината. Ние, авторите, треба да бидеме во сенка. При изборот, не треба да биде важно дали авторот е млад или возрасен, реномиран или дебитант. Настапува романот. Јас имам татковски однос кон „Гаргара“ и ќе бидам пресреќен и бескрајно горд татко доколку ќерка ми „Гаргара“ победи на конкурсот. Ако не победи, и натаму ќе си ја сакам.
7. Која е вашата порака до читателите на божилак.мк?
Да се изборат да си го вратат „украденото хоби“ – тоа е читањето романи. Тоа е една од најинтересните и најполезните забави, која нам ни „се краде“ со децении. Голем дел од луѓето што ги познавам одбивноста кон романите ја стекнале уште на училиште. Денес македонскиот пазар е полн со механизми за замајување, што го водат македонскиот читател по лажни патокази. Еден таков лажен патоказ се рекламите на лошо преведениот увозен кич. Мојата порака до читателите на божилак.мк гласи: добрите романи постојат и тие можат да дадат непроценлива забава. Лага е дека читањето е добро по секоја цена. Ако не го имате вистинскиот роман в раце, читањето е губење време. Пронајдете го.


Блог

Првите 33 страници од романот Гаргара од денес се достапни за читање.

 


 

Се појави на свет романот Гаргара. Во продажба во Скопје:
        Матица – бул. Св. Климент Охридски
        Матица Ексклузив –  ул. Македонија (кај бикот)


Крајната верзија на македонското издание на романот Гаргара се наоѓа во фаза на објавување во книгоиздателството Матица. Им благодарам на сите пробни читатели, рецензенти, дизајнери, видео-аниматори, фотографи, режисери и сите останати што во изминативе месеци го сочинуваа Гаргара тимот. По име ќе им се заблагодарам на промоцијата. Соработката продолжува. Датумот на промоцијата ќе биде објавен наскоро од ова место. На сите идни читатели им го посветувам овој извадок од романот:

По напишувањето на романот пред три години почувствував олеснување, приближно онакво какво што чувствуваме кога го оставаме багажот на чување на железничка станица. Но, на железничка багажот ќе ви го почуваат извесно време, а потоа пак треба да си го земете и да го понесете. Овој дел, насловен како „2012“, се пишува поинаку од другите делови. Го пишувам без временска и без просторна дистанца, директно на местото на опишаните настани, максимално ден-два по случувањето. Затоа и моите размислувања се поаналитички и подетални и се разликуваат од оние во останатите делови. Дури по додавањето на овој дел конечно ќе можам да го оставам багажот – не привремено на железничка, туку засекогаш на читателите, но не за да им тежи, туку за да го отворат куферот и секој од нив да си избуричка за себе нешто интересно и нешто убаво. ...Се изнаслушав од Генадиј дека пишувањето е гаргара на душата. Јас би додал: и читањето исто така.

 


 

No flash player!

It looks like you don't have flash player installed. Click here to go to Macromedia download page.

  Македонски
Polski
Русский