Галерија/Места

Преминот Крива липа. Лево е влезот во подземното кафуле Гаргара. Право се гледа арката кон улицата Сичови стриљци.

Сторијата слушната од Генадиј за настаните од далечната 1963 година непопустливо ме преследуваше во текот на следните недели. Движејќи се низ градот често си ги премотував низ мислите тие настани и се трудев да ги замислам ликовите. Понекогаш намерно минував низ преминот Крива липа во потрага по парче атмосфера од околината на старото кафуле. Сите останати идеи за можна локација или име на кафулето што планирав да го отворам ми стануваа бледи и немоќни во споредба со Гаргара во преминот Крива липа. Светот е неверојатно разновиден и само мал број луѓе се привилегирани во текот на својот животен век да пропатуваат доволно за да видат барем половина од таа разновидност. Сепак, понекогаш упатувајќи се кон најоддалечената точка во светот, одминуваме некои места кои ни се на дофат, но се скриени зад завесата на автоматизираната перцепција, така што не умееме да им ја препознаеме вистинската вредност. Отсекогаш ме фасцинирале таквите места. Некаде блиску во нашата земја, во нашиот град, во нашиот двор постојат такви местенца, подзатскриени од нашето внимание, кое ù го потчинуваме на секојдневната рутина. Преминот Крива липа почнав да го доживувам како такво катче. Наоѓајќи се во строгиот центар на градот, Крива липа како да живееше во прегратките на градот, заштитена или запоставена од вниманието на милионското население. Мислејќи на Крива липа, се чувствував како да сум открил скришна одаја во сопствениот стан во кој живеев со децении.

Трамвајот број 2 по улицата Руска. Оддесно е влезот во кафулето Золотиј дукат.

Се сеќавам добро на тоа попладне кога седев со својата пријателка Кристина во кафулето Златен дукат, близу до стариот плоштад Ринок во Лемберг. Занесено ја листав книгата за пофалби и поплаки на кафулето, кога женска смеа ме оттргна од занесот. Кристина и келнерката, која веројатно долго постоја над нашата маса очекувајќи ја нашата нарачка, се смееја поради мојата задоцнета реакција. Дента избрав портокалово-црна топла чоколада, а Кристина – индонезија тораја тонг кафе.
Потоа уште малку се забавував читајќи ја книгата за пофалби и поплаки. Најмногу пишувале луѓе од Киев и од Полска: „превкусно кафе, фантастична арома, пријатна атмосфера“, но се пишувало и поезија и проза, и глупости и мудрости. На почетокот на книгата за пофалби и поплаки сопствениците ја напечатиле легендата за Јузефа, која се врзува со кафулето. Пред 400 години овде живеела Јузефа, најубавата девојка во Лемберг, која била неосвоива. Доаѓале и доаѓале мажи, нуделе богатства за раката на Јузефа. Останала неосвоива сè до оној ден кога почувствувала мирис на кафе. Кога и кажале дека мирисот е од зрната што ги донесол некој трговец, Јузефа се сложила да се омажи за трговецот уште пред да го види.

Дел од проспектот Слобода и улицата Дорошенко на фотографија од 60-ите години. Одлево сега се наоѓа големиот споменик на Тарас Шевченко.

Последната страница на Еврејката ги потврдилa насетувањата на Иван Володимирович дека ништо не е случајно во неговата книга за пофалби и поплаки. Таа последна страница го натерала да ја измени концепцијата на необјавениот роман и да остави сè, да ја даде книгата на објавување таква, каква што била. Тоа значело дека во неа требало да остане и сè што напишале пијаните клиенти. „Во оваа книга ништо не е случајно. Затоа ја објавувам таква, каква што ја зедов од под моливот на клиентите. Им останувам верен во потполност на сите нив. Пијани или трезни, паметни или глупави, весели или нервозни – сите тие беа мои гости. Немам право ништо да бришам. Се плашам дека и најголемата глупост може да е на некој начин поврзана со остатокот од книгата.“ – Вака напиша Иван Володимирович во предговорот.

Понатаму, Иван Воломирович ќе ја скрие книгата под мантилот и по улицата Дорошенко стигнува до проспектот Слобода. Седнува на клупите, таму кај што е сега споменикот на Тарас Шевченко. Сè уште не може да сфати како е можно пријатели од најраното детство од далечна земја, понесени од две трагедии на нивните народи, судбината да ги донесе во исто кафуле, а пак да пишуваат на два различни јазици, не на мајчиниот.

Аулата во главниот корпус на Универзитетот „Иван Франко“ во Лавов.

Беше сончев ден, а студентките најдобро знаеја како да го придобијат сонцето како свој сојузник во помрачувањето на машкиот ум. Мојот ум го помрачуваше нешто друго: Како можел Сашо да биде и во возот за Белград и во кафулето истовремено и да го напише новиот текст? На 23 мај вечерта ја разгледав книгата за пофалби и поплаки и го препрочитав последниот текст. Во истиот миг Сашо се качувал во возот за Белград. Следната вечер (24 мај) во книгата имаше нов текст. Во текот на денот што го поминав со Кристина, можеби додека траеше театарската претстава во алтернативниот театар Лес Курбас, се самонапишал новиот текст.
Под арките на главниот влез во главниот корпус на Универзитетот се пробив низ група студентки од филолошкиот факултет. Температурата во аулата беше барем петнаесет степени пониска од надворешната. Камено студенило ме полаза по испотениот грб. Се упатив кон скалите, сосема излижани од стапките на стотици генерации студенти.

Поглед на Лавов од под Високиј замок.

– Мислиш на Лемберг.
Кристина кимна и се потсмеа потврдно.
– О, боже, колку си го сакам својот град!
– Не го разбирам тоа... мислам... и јас го обожавам Лемберг, ама зошто мораш постојано да ја искажуваш таа љубов кон градот. Не си само ти, сум го слушнал истото од многу лембержани. Не верувам дека постои таква градоманија некаде на друго место.
– Затоа што се плашам да не го изгубам. Ох, колку се плашам да не го изгубам Лемберг, да не морам некогаш да го напуштам! – Продолжуваше патетиката на Кристина.
– Јас, пак, Лемберг го гледам како своја реалност. Реалност во која сум се родил и сум израснал, и не гледам причина да се плашам да не ја изгубам. Го доживувам својот град како жена со која живеам во брак и разбирање, и не се плашам еден ден да не отиде кај друг или јас кај друга, зашто сум убеден дека тоа нема да се случи.
Потоа постојавме во тишина, која значеше и поддршка и несогласување. Сонцето веќе беше зајдено, а ветрот почнуваше да штипе.

 

 

No flash player!

It looks like you don't have flash player installed. Click here to go to Macromedia download page.

  Македонски
Polski
Русский