Рекоа
 

Оливера Ќорвезироска:

Ваков роман се дочекува на нозе, за него се пишува и се коментира веднаш по излегувањето, а не месеци и месеци подоцна ... Јазикот му „спие“ во стилот, стилот му „спие“ во структурата, структурата му „спие“ во одлично изведениот роман. Овој занаетчиски одлично сработен (и спакуван) роман го враќа постмодернистичкото писмо во нашата книжевност на голема и нова врата ... Ако пишувате како Игор Станојоски – сосем е неважно дали вашата книжевна „Гаргара“ ќе ја „направите“ во мугрите, во високото пладне или на залезот на постмодернизмот.

 

Јордан Плевнеш:

Игор Станојоски влегува суверено во шумата на македонскиот роман со неверојатен арсенал на јазичка и политичка археологија на сеќавања која ќе го претвори градот Лавов во еден неверојатен лавиринт од кого ќе започне нашето понирање во главниот град на авторовата имагинација, кафулето Гаргара, кое во двете свои историски констелации, пред падот на Берлинскиот ѕид и по неговиот пад,  ќе биде за нас книжевно животворен извор во кого ќе се препознае судбината на сите херои на оваа прекрасна книжевна авантура.
 

Фросина Пармаковска:

Ова е роман чија акција многу ретко ќе ве остави да земете здив за да ги резимирате работите и да одморите пред да продолжите понатаму. Гаргара е и роман-истрага, роман-авантура каде што постојано виси прашањето што ќе се случи, или каде води ова, прашања кои цело време ве тераат напред и напред, прашања што на крајот, се многу вешто решени - целата таа динамика, цела акција завршува многу бурно, многу емотивно, онака, како што и впрочем заслужува целиот тек на овој роман.
 

Портал „Божилак“ (Александар Алексов)

Се чита полека, му се восхитуваш, му се радуваш како мало дете и анализираш многу варијанти каков ќе биде епилогот на приказната, а авторот толку мајсторски го има изградено заплетот, што во тебе покренува многу претпоставки за крајот на делото, но не можеш да го претпоставиш крајот ... Настаните се толку динамични, толку возбудливи што во целост ќе ви го одземат вниманието, ќе ве натераат да не ја испуштите од раце, а описите пак се како врвно сценарио од филм. Уште една особина која ја изразува писателката умешност и талентот на Станојоски е играта со времињата...

 

Звонко Танески:

Појавата на романот Гаргара од Игор Станојоски е исклучителен настан во најновата македонска литература ... Приврзувачката љубов во и кон овој роман е неконвенционална за македонски прилики ... Ритамот на настаните е извонредно возбудлив и е мошне податлив за ефективна филмска адаптација ... сега е можеби најважно тоа што нашата читателска публика ќе може да препознае во овој роман нешто навистина ново и возбудливо. Романот Гаргара ќе донесе и сигурно разбранување во подзаспаните македонски писателски води.
 

Утрински весник

Игор Станојоски во една низа од историски и политички констелации, низ потрагата на локацијата на кафулето „Гаргара“ во градот Лавов (Украина) во која се преточуваат настаните од Портокаловата револуција во 2004 година со сторијата за изгубеното кафуле во истиот град од 1963 година, преку обидот за разјаснување на идентитетите на ликовите и на политичките (не)сложувалки, користејќи ја формата на политички трилер, својата сторија ќе ја раскаже интригирачки и допадливо.
 

Ранко Младеноски во „Современост“

Книжевно дело со многуслоен семантички код. Тематско-мотивската шареноликост изразена низ една доминантно постмодернистичка призма му дава особен привлечен шарм и дух на овој роман. Игор Станојоски успева да го задржи читателот до крајот на книжевно-уметничкиот текст со мистериозното, неизвесното и, пред сè, очудувачко поврзување на дивергентни наративни ентитети ... Со „Гаргара“ современата македонска литература е збогатена со провокативно, привлечно, интересно, очудувачко и квалитетно романескно дело.

No flash player!

It looks like you don't have flash player installed. Click here to go to Macromedia download page.

  Македонски
Polski
Русский